|
English

|
Трибина на тема
Децентрализацијата во Македонија – помеѓу теоријата и праксата” |
| |
|
Здружението за јакнење на цивилното општество ЛИДЕР ЛП - Скопје, Либерален тинк-танк, денес, 21 февруари, организираше трибина на тема „Децентрализацијата во Македонија – помеѓу теоријата и праксата”.
На трибината учествуваа градоначалниците на Скопје (Г-дин Трифун Костовски), Карпош (Г-дин Андреј Петров) – воедно претседател на ЗЕЛС (Заедница на единици на локалната самоуправа) и Свети Николе (Г-дин Слободан Даневски), како и Министерот во Владата на РМ, Г-дин Имер Селмани (доскорешен Потпретседател на Владата на РМ за политички систем и рамковен договор и поранешен успешен градоначалник на Општина Сарај). Притоа, во присуство на околу шеесетина гости, членови на совети од повеќе општини, како и претставници на дипломатските мисии на ОБСЕ, ЕУ, САД, повеќе земји од Европа, од УСАИД и невладини организации членки на мрежата на тинк-танк организации, настанот го поздравија претседателот на ЛИДЕР-ЛП и генерален секретар на Либералната партија, Г-дин Ивон Величковски и раководителот на Софиската канцеларија на Фондацијата „Фридрих Науман“, Г-дин Аспарух Панов.
Модератор на трибината беше г-ѓа Ристана Лалческа, пратеник од ЛП, заменик-претседател на собраниската комисија за политички систем, потпретседател на Либералната партија и член на Управниот одбор на ЛИДЕР ЛП.
Во своето воведно излагање, Министерот Имер Селмани ги изнесе ставовите на Владата за потребата од натамошна имплементација на процесот на децентрализација, проблемите кои се воочени во досегашниот период, како и издвојувањето на поуспешните општини во доменот на трансфер на надлежностите од централната кон локалната власт како пилот-општини. За издвојување беше и пренесеното искуство во опсервацијата релацијата централна-локална власт бидејќи Министерот Селмани на моменталната должност дојде од позицијата Градоначалник на Општина Сарај. Значаен дел од неговото излагање беше посветен и на имплементација на обврските во доменот на остварување на правата на заедниците и одредбите на Охридскиот договор преку децентрализацијата, што несомнено е еден од суштинските делови на локалната самоуправа како облик на непосредната демократија. |
Градоначалникот на Град Скопје, Трифун Костовски особено се задржа на контрадикторностите на законската регулатива во поглед Град Скопје – општини во состав на Градот Скопје, како и на проблемите со кои Градот се соочува поради преголемиот опсег на неговото подрачје, огромните разлики помеѓу урбани целини и рурални средини во рамките на Скопје, како и недостатокот на изворни надлежности на Градот особено во доменот на урбаната инспекција и можностите за санкционирање на прекршителите на редот и чистотата во Скопје. Притоа, Костовски акцент стави и на проблемите во финансирањето на градските активности, уредувањето на сообраќајот, но пред се во доменот на инфраструктурните инвестиции и неговите надлежности и обврски во поглед на културата и образованието. „Нема да дозволам културата и образованието да трпат последици поради нивното преголемо значење, дури и по цена на проекти од други области“ истакна Костовски, нагласувајќи ја и потребата од редефинирање на начинот на дистрибуција на приходите по основа на персонален данок. Исто така, тој потенцираше дека праксата укажува на потребата од ревизија на територијалната организација во насока на намалување на подрачјето на Градот во рамките на една урбана целина.
Градоначалникот на Општина Карпош и Претседател на ЗЕЛС, Андреј Петров, особен акцент стави на прашањето на финансирањето на единиците на локалната самоуправа. Притоа, тој истакна дека е потребно редефинирање и на процентот наменет за единиците на локалната самоуправа по основа на ДДВ, но недвосмислено ја искажа согласноста дека процесот на децентрализацијата е тековен процес во кој се соочуваме со бројни проблеми. Исто така, Петров потсети и дека во претходниот период со малку поголеми залагања и инвентивност, градоначалниците можеле пред се да се посветат на проектите во делот на урбана опрема и „визуелно дотерување“ во нивните општини, додека со имплементацијата на процесот на децентрализацијата на општините со истите па дури и помалку средства денес им се пренесуваат објекти како што се училишта, градинки, здравствени установи во кои со години не било инвестирано.
Градоначалникот на Свети Николе, Слободан Даневски, во својата дискусија меѓу другото успешно ја разграничи разликата меѓу руралните и урбаните општини и општините во состав на Скопје и општините надвор од него. Земајќи го примерот со својата општина, Даневски потсети дека помалите општини се соочуваат уште повеќе со политички поставени кадри кои имаат недостаток на технички и јазични познавања, бројна администрација што тешко можат да ја финансираат и уште помал извор на приход поради слабата кондиција на нивните локални економии. Даневски го изнесе и примерот на пренесување на надлежностите од државата кон општините во доменот на Менаџметот со кризи како област со која, по негово согледување, ретко која општина може да ја имплементира, но го иницираше и разгледувањето на можноста не само за ревизија на територијалната организација, туку и на концептот за едностепена локална самоуправа, кој според него не ги дава потребните резултати.
|
| |
|
| |
|
| |
|
| |
|
| |
|
| |
|
|
Јавна дебата за популрниот закон за ЛУСТРАЦИЈА
|
|